Преродба со кинески велосипеди
06.02.2010 | Игор Ивановски (пратеник)
Го слушам во изминативе денови водачот на кеш патриотите од ДПМНЕ, самопрогласениот преродбеник, уште некое време премиер, како ни објаснува дека и не е така лошо да се купуваат и да се возат половни возила од 13, 14 па и од 16 години. Го слушам и не ми се верува. Или сите нас не смета за неписмени или во паузите од броењето на ефектите (во кеш, се разбира) на „Окта“, „Аналитико АИ“ и спомениците, се заборава што ни зборувал и што правел во изминативе четири години. И си реков, ќе се позанимавам со најновиот изум на преродбата, увозот на возила, кои не само што не се произведуваат, туку речиси и да не се продаваат во Европа.
Но, со ред. Прво си помислив дека ваквата идеја му дошла откако ги видел возилата што се возат во владата и во неговата партија. Па, почнав да проверувам. И види мајката, не ќе да е така. Го видов тоа што сите вие го гледате секој ден. Со него на чело, министрите и разноразните средношколски директори се возат во најнови „мерцедеси“, „ауди“, „пасати“. Се сетив дека МВР пред една година купи 300 од салон автомобили, и тоа не за униформираните полицајци од јавната безбедност и сообраќајната полиција, туку за тајната полиција и за партиските тазе шестмесечни полицајци. Па, се сетив дека нивната партиска министерка се вози во екстра луксузен џип, со потпис на Дејвид Бекам. Па, утврдив дека братучедот од царината, исто така, да ти бил љубител на службени масивни џипови.
Си велам, да видам што возат нивните кеш патриотските пратеници, портокалови, се разбира. Кога таму, се нова до нова кола, и тоа машала од поголемите и поскапите. Значи, не му текнало од неговата влада и партија бидејќи тие со половните 16-годишни возила расчистија веднаш по изборите.
Второ, си велам, му текнало од портокаловата програма. Ама и таму нема ништо за тоа. Башка, цели четири години не отече зборувајќи дека државата тргнала напред, дека е преродена и надградена, дека се зголемила вработеноста, го подигнал стандардот, а сиромаштијата тој целосно ја искоренил. Носел инвестиции и сме биле трети во Европа по економските резултати, пред Германија и Франција. Милина од држава. И одеднаш, истиот тој ни вели дека имало сиромаштија, луѓето возеле југовци и фиќовци и немале пари за подобар автомобил.
Е, добре дојде во реалноста. Како тоа одеднаш не важи се што не лажеше четири години? Каде е преродбата сега? Или, конечно призна дека најголемото достигнување на неговите четири години како премиер е да купиме 16-годишно возило. Голем прогрес, нема што. Со тоа веројатно ќе бидеме и пред Авганистан. Фали уште да ни соопшти дека склучил спектакуларен инвестициски договор за увоз на половни велосипеди од Кина (со по пар штипки за ногавиците), бидејќи таму се исфрлаат од употреба, но ете, ќе ни се најдат тука.
Трето, си велам, веројатно ќе кажат некој збор за најголемиот проблем при увозот на возила, а тоа се давачките. Но, не, за тоа се уште размислувале. Знаете и зошто. Па им требаат вашите пари. Од секое купено возило, ново или старо сеедно, во буџетот инкасираат во просек од 3 до 5.000 евра. Е тоа да се измени - не даваат. Им требаат тие пари за кеш патриотската пералница за спомениците, за рекламните кампањи, за партиските војници, за нивните туристички екскурзии по странство. А ние треба уште да сме радосни. Ако имате возило на бугарски таблички што вреди од 3 до 5.000 евра, за да го легализирате треба да платите уште исто толку пари. Ако купите 15-годишен „голф“, кој чини најмалку 1.000 евра, за давачки на Груевски треба да му платите најмалку 1.650 евра, повеќе од вредноста на возилото.
И да не должам со уште примери. Може да се прашаме како сега по четири години му текна, може да се збори и за врвното лицемерие и глупост, да ни забрануваат пушење и правење ајвар, наводно заради Европа, а да дозволуваат увоз на автомобили, камиони и автобуси со Евро 1 и Евро 2, кога во Европа денес важи Евро 5. Затоа и не ви кажуваат дека со таквите стари автомобили и камиони утре нема да ве пуштат да влезете во држава членка на Европската унија. Затоа и тврдам, целта на кеш патриотите не е да ви помогнат да возите подобар автомобил, туку да приберат пари во празниот буџет и да ги трошат преку своите пералници - на бронзени коњи, антички столбови и за себе новите и скапи автомобили и џипови. А ќе се согласите, од нив не се живее, тие не се мачкаат на леб.
Од тие причини, драги сограѓани, во Собранието предложивме вистинско решение за полесно да купите или го легализирате вашиот автомобил со странски таблички. За нас реалноста е јасна како ден. И вчера и денес и утре, најголем проблем не е староста на возилата, туку огромните давачки кон владата. Затоа, прво предлагаме акцизата да не се пресметува во даночната основа, бидејќи на тој начин незаконски ви ја пресметуваат двапати. По својата економска логика, таа се пресметува на крај, по ДДВ-то, а не пред него. И најважно од се, предлагаме нов концепт за акцизите. За возилата кои најмногу се возат на странски таблички и најмногу се купуваат од граѓаните, а тоа се тие од 1.000 до 2.000 евра, предлагаме акцизата да се укине. На тој начин, 90 отсто од граѓаните поевтино ќе можат да купат нов или половен автомобил. За возилата од 2.000 до 2.500 предлагаме таа да се намали од постоечките 160.000 на 60.000 денари, а за возилата од 2.500 до 3.000 евра да се намали од 330.000 на 120.000 денари. Конечно, за владините мераклии за луксузни џипови и лимузини над 3.000 евра, сметаме дека акцизата треба да се зголеми и да изнесува 600.000 денари.
Бараме овој концепт на акцизи да важи и за нови и половни возила. Но, во четвртокот, кеш патриотите и љубители на нови и скапи возила го одбија овој наш предлог. Лицемерно и во нивен стил, лажно кон вас. Какви интереси за граѓаните, каква грижа за вашиот стандард и возила. Тоа нив не ги интересира. Ве гледаат само како нови пари за нивното расипничко и криминално трошење.
За крај, сакам да констатирам дека продолжија со криминалната и античка офанзива на Скопје и државата. Од еден бронзен коњ некој во ДПМНЕ ќе заработи нов џип или луксузна куќа, со вашите пари. Кога сме веќе кај ветувањата, се сеќавате дека Груевски пред две години вети дека ќе изгради три стокатници (тоа за зимската скокалница е друго ветување), во центарот на Скопје. Јас не ги гледам, дури нема ни дупки. Во центарот на Скопје има само кучиња скитници и криминално перење пари излиено во бронза.