» Најкоментирани од последната недела:
» Најнови: Колумни
За поранешниот шеф на британската дипломатија Ирак и Косово се слични преседани
19:15 | 08.02.2010 | Автор: МИА
Лондон, 8 февруари - Поранешниот британски министер за надворешни работи Џек Стро изјави дека случајот со ирачката војна и косовската интервенција на меѓународните сили се слични преседани, јави дописникот на МИА од Лондон.
- Во двата случаи се извршени интервенции со воена сила врз странска територија без овластување од Обединетите нации, иако Ирак и Косово пред тоа не се еднакви од правна гледна точка, истакна Стро.
Реакцијата на поранешниот шеф на дипломатијата, кој денеска вторпат сведочи пред комисијата што ја води сегашната истрага за воената интервенција во Ирак, уследи по забелешките на еден од членовите на комисјата, дека Косово и неговиот случај, не се однесува и не може да важи и за Ирак, што критичарите на ирачката војна постојано го истакнуваат, бранејќи ја како „морална и хуманитарна“ интервенцијата врз поранешната српска покраина, а осудувајќи го воениот напад врз Ирак како „повреда на меѓународното право“, затоа што отсуствува резолуција на ОН.
Стро одново се соочи со комисијата што ја води оваа, четврта по ред истрага за ирачката интервенција, откако некогашниот шеф на меѓународната група инспектори на ОН Ханс Бликс го обвини британскиот министер дека при првото сослушување „давал неточни и некоректни одговори“.
Во текот на тричасовното сослушување минатиот месец, Стро, кој сега е министер за правда во Владата на Гордон Браун, изјави дека се согласил со воениот напад врз Ирак по последниот разговор што го имал со Бликс и по уверувањата што ги добил од него околу несоработката на багдадскиот режим со инспекторите, за што Ирак го обврзуваше резлолуцијата 1441.
Бликс, во иинтервју за Би-Би-Си, меѓутоа, инсистира дека некои објаснувања на Стро за тоа време се „некоректни“ и тврди дека не е точно оти во 2002 година Садам Хусеин не дозволувал пристап на инспекторите до местата што тие барале да ги посетат.
На првото сослушување, Стро објасни дека согласноста за ирачката воена интервенција е неговата најтешка одлука во политичката кариера. Тој уште рече дека можел да го спречи британското учество во војната, доколку му се спротивставил на тогашниот премиер или доколку поднесел оставка, признавајќи дека во времето кога се подготвувала одлуката за учество во интервенцијата против Ирак, тој не помислувал на заминувњје од функцијата.
На денешното сослушување тој демантираше дека не ги слушал советите на правните советници од Форин Офисот, но откри дека тие биле „често пати контроверзни“. Стро уште еднаш го повтори ставот дека министрите ги слушаат советите на советниците, но одлуката ја донесуваат носителите на функцијата, забалежувајќи дека конечниот совет бил оној на главниот владин правен советник, лорд Голдсмит, поранешен државен обвинител.


